И Јапонија го прекинува финансирањето на агенцијата на ОН за палестинските бегалци-УНРВА

Јапонските власти денеска објавија дека го прекинуваат финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА), поради израелските обвинувања дека некои нејзини вработени биле вклучени во нападот извршен од палестинското движење Хамас на 7 октомври минатата година.

УНРВА отпушти неколку од своите вработени и вети темелна истрага, но сепак Израел одлучи да и забрани да продолжи да работи во Газа.

Јапонија го суспендираше своето финансирање на агенцијата на ОН, по САД, Франција, Германија, Австралија, Италија, Финска и Велика Британија.

Јапонските власти изразија загриженост, како што се наведува, „поради наводната вмешаност на персоналот на УНРВА во терористичкиот напад врз Израел на 7 октомври минатата година“.

„Затоа, Јапонија одлучи да го прекине финансирањето на УНРВА“, се вели во соопштението на јапонското Министерство за надворешни работи.

Токио, како што е соопштено, ќе продолжи „да вложува дипломатски напори за подобрување на ситуацијата во Појасот Газа и за што поскоро смирување на ситуацијата со давање поддршка на други меѓународни организации“.

Бранот на суспендирање на финансирањето на УНРВА започна со САД во петокот, веднаш по објавувањето на истрагата, по што во последните два дена на Вашингтон му се приклучија Канада, Австралија, Британија, Германија, Италија, Холандија, Швајцарија, Финска и последна во низата Јапонија.

 М. Д.