Тим од археолози и експерти за поморска роботика веруваат дека ги откриле остатоците од авионот на Амелија Ерхарт, воздухопловна пионерка, која исчезна додека летала преку Тихиот океан во 1937 година, пишува „Си-ен-ен“.

Експерти од американската компанија „Дип си вижн“ (Deep Sea Vision), која се занимава со истражување на океаните, велат дека со помош на сонар за мапирање на морското дно, забележале аномалија во океанот, на длабочина од 4.877 метри, која наликува на остатоци од мал авион.

Тимот верува дека можеби станува збор за леталото „Локхид 10-Е Електра“ (Lockheed 10-E Electra) со кој Ерхарт управувала кога се обидела да лета околу светот.

„Некои луѓе ја нарекуваат најголемата мистерија на сите времиња, што мислам дека е. Имаме можност да затвориме една од најголемите американски приказни“, рече извршниот директор на компанијата, Тони Ромео.

Необичните остатоци се откриени на морското дно на околу 160 километри од островот Хауланд, сместен помеѓу Австралија и Хаваите. Токму  оној каде Ерхарт и нејзиниот навигатор Фред Нунан се верува дека сакале да слетаат по полетувањето од островот Лае во Папуа Нова Гвинеја.

Експедицијата започна на почетокот на септември минатата година, а заврши во декември. На сликите, објавени на инстаграм профилот на агенцијата, може да се забележи светла маса која наликува на авион.

Потврдата дека новооткриената аномалија на морското дно е всушност нивниот авион бара враќање на таа локација и понатамошна истрага на остатоците од авионот и би била конечна доколку се открие ознаката „НР16020“ втисната под едно од крилата. Следната експедиција се најавува за околу една година.

Експертите сметаат дека доколку авионот се најде на таква длабочина, големи се шансите да биде добро сочуван, поради ниските температури и ниската содржина на кислород во водата.

Ерхарт и навигаторот Фред Нунан исчезнаа на 2 јули 1937 година, додека летаа над Тихиот Океан за време на обидот на Ерхарт да стане првата жена авијатичар што ја обиколи земјината топка. Тие исчезнаа без трага, поттикнувајќи ги најголемите и најскапите напори за пребарување и спасување на американската морнарица и крајбрежна стража во американската историја. Ерхарт и Нунан беа прогласени за мртви две години подоцна.