Истерувач на ѓаволи со помош на колбаси од Полска добил 23 милиони евра од претходната власт

Државниот фонд за жртви на злосторства во Полска за време на претходните влади на конзервативната партија Право и Правда доделил дури 23 милиони евра на католички егзорцист кој стана познат по тоа што со помош на колбаси – шваргла истерал вегетаријански зли духови од активистка на невладината организација Амнести интернешенел.

Како што пренесува МИА, католичкиот свештеник егзорцист Михал Олшевски стана познат во Полска кога наместо да ги користи традиционалните методи на истерување на ѓаволот, решил да го исплаши и да го избрка прво со помош на колбаси, а кога тоа не помогнало, се сетил на шваргла и статуата на Богородица од островот Гвадалупе, и така успеал да ја ослободи од злите духови вегетаријанката, и таа повторно почнала да јаде месо.

Фондацијата Профето, што ја основа тој, од 2021 година добила 14 милиони евра од Фондот за жртви на криминал на претходниот министер за правда Збигњев Жобра, а по поразот на изборите итно бил потпишан анекс за нови донации од неколку милиони евра – вкупно над 23 милиони евра.

Истрагата за можни злоупотреби на државниот Фонд за жртви, нарачана од новиот министер за правда во владата на премиерот Доналд Туск по изборите на 15 октомври, откри дека свештеникот Олшевски добил милиони за да изгради центар за жртви на злосторства во Варшава.

Во центарот, пак, започна изградбата на пет телевизиски студија, три соби за режија и постпродукција и кино сали, јавуваат полските медиуми и тоа го толкуваат како обид за финансирање нови медиуми со народни пари, во кои Право и Правда може да ја заменат партиската пропаганда, која до поразот на изборите беше во домен на јавните медиуми, пред се на полската државна телевизија, без која останаа конзервативците на Качински.

Новата влада на широката коалиција на Граѓанската коалиција на Туск, демохристијанскиот Трет пат и Обединетата левица, по контроли во миностерствата, во јануари почна да објавува на што се трошеле јавните средства во изминатите осум години додека Качински и неговите конзервативци биле на власт.