Русија ја започна својата инвазија врз Украина во 5.50 часот утринава со силни копнени и воздушни напади. Рускиот претседател Владимир Путин рече дека нападите се дел од „специјална“ операција за која рече дека има за цел „демилитаризација“ на Украина. Тој ја повика украинската војска да го положи оружјето и нагласи дека Русија „нема намера да изврши окупација на Украина“. Путин му се закани на целиот Запад доколку се обиде да интервенира во украинската криза.

„Тоа е специјална операција за демилитаризација на Украина. Околностите бараат да преземеме решителна и итна акција… Кој и да се обиде да интервенира во ова и уште повеќе, да создаде закани за нашата земја, за нашиот народ, мора да знае дека одговорот на Русија ќе биде брз и ќе ви предизвика такви последици какви што никогаш не сте доживеале во вашата историја“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски во своето прво обраќање до нацијата рече дека Украина ќе се брани и оти светот мора да го запре Путин. Москва и Киев ги прекинаа дипломатските односи, Украина прогласи воена состојба и го повика народот да се бори за одбрана на земјата.

„Мирните градови во Украина се на удар. Се работи за агресија. За жал, ова беше историско утро. Подгответе се да ја браните вашата нација“, рече Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Сепак, почетокот на нападите предизвика паника во Украина. Руските бомбардирања уништија и станбени области. На патиштата низ земјата преку денот можеа да се забележат колони со олјадници возила. Некои го напуштаа Киев, други ја напуштаа Украина. Во соседна Полска стигнаа и првите украински бегалци.

Од кабинетот на Зеленски соопштија дека околу 40 Украинци биле убиени во првите часови од нападот. Украинските вооружени сили тврдат дека собориле 6 руски авиони и 2 хеликоптери, како и за убиени околу 50 руски војници.

Исуф Кадриу