Израелските одбранбени власти најавија целосна опсада на појасот Газа. Според израелскиот министер за одбрана Јаов Галант ваквата наредба е донесена поради, како што вели, „борбата со варварите за што треба да следува соодветен одговор“. Наредбата вклучува и забрана за снабдување со електрична енергија, храна, гориво и вода во Газа.

Властите во Тел Авив објавија дека се повикани 300 илјади резервисти кои би се вклучиле во контраофанзивата на израелската војска. Според податоците со коишто Израел располага, за овие два дена се регистрирани над 700 жртви, меѓу нив и 260 лица кои присуствувале на концерт на отворена површина, а стотици се киднапирани. Тел Авив во моментов е скоро парализиран, а постојано се отвораат пунктови за поддршка на пребеганите Израелци кои живееле во Газа.

„Мора да разберете дека Израел е во војна, а израелски цивили не се нешто со кое можете да си играте. Нашите непријатели, терористите од Хамас, сметаа дека е добор време да започнат војна со нас. Не можеа повеќе да згрешат, ќе го уништиме секој терорист на Хамас“, рече Ами Дрор – организатор на акцијата.

Во меѓувреме, се зголемува бројката на жртви и во самиот појас Газа, кој изминатово деноноќие беше цел на над илјада напади од израелска страна. Според палестинските власти, над 500 лица се загинати. Тие обвинија дека цел на нападите не се само стратешки позиции на Хамас, туку и цивилни објекти. Во Газа многу објекти се во урнатини, па дури и џамии. Според палестинските здравствени власти, мртовечницата е преполнета.

„Има значителна пренатрупаност во сите болници во Појасот Газа поради големиот број на жртви кои доаѓаат од сите области што беа на мета во Газа, а зголемен е и бројот на повредени во болниците. Сега веќе немаме место во фрижидерите на мртовечницата“, рече Ашраф Ал-Кедрах – портпарол на Министерство за здравство.

Обединетите нации соопштија дека над 120 илјади луѓе во Газа биле внатрешно раселени, главно „поради страв и уништување на домовите“. Во Газа живеат 2,3 милиони Палестинци, а пред да започнат воздушните напади Израел ги предупреди луѓето што живеат во одредени области да заминат од домовите.

Лука Андреев