Израелската војска соопшти дека нападнала цел во Сирија како одговор на напад со беспилотно летало врз училишна зграда во јужниот израелски град Еилат еден ден претходно.

„Како одговор на беспилотното летало од Сирија кое погоди училиште во Еилат, ИД ја нападна организацијата која го изврши нападот. ИД го смета сирискиот режим целосно одговорен за секоја терористичка активност што произлегува од нејзината територија. Ќе одговориме на секоја агресија врз Израел“, се вели во објавата од израелската војска на социјалната мрежа „Икс“.

Армијата не соопшти која организација во Сирија го испратила дронот во Еилат, град кој се наоѓа на Црвеното Море на околу 400 километри од најблиската точка на сириската територија.

Во извештаите за нападот со беспилотно летало не се наведува дали има повредени.

Еилат е главниот трговски излез на Израел кон Црвеното Море.

Прикажи повеќе