Пред почетокот на пленарната седница посветена на потребата на отворањето на Уставот, европратеникот Илхан Ќучук, кој воедно е и известувач за Македонија во Европскиот Парламент, порача дека е неопходно обединување во земјава за процесот на уставните измени. Според него, измените не се под бугарски диктат, туку веќе се европски обврски.

„Прво, нема да има промена на ставот на ЕУ – нема ниту желба, ниту Европската Комисија, ниту Советот да се заложат за промена на правилата неколку месеци пред европските избори. Правилата се такви, договорени се и сите мора да ги почитуваат. Второ – нема да има подобра понуда, бидејќи оваа е најдобрата“, вели Ќучук.

Во интервју за бугарското радио, Ќучук додаде дека изборот е единствено кај македонските политичари.

„Доколку ВМРО-ДПМНЕ не сака да биде на страната на европеизацијата на Република Северна Македонија, одговорноста ќе биде кај партијата, но за жал, тоа ќе го запре патот на Северна Македонија кон ЕУ за не баш кратко време“, рече Ќучук.

Ќучук исто така додаде дека е многу веројатно Македонија да биде раздвоена од пакетот со Албанија на патот кон ЕУ. За тоа да не се случи Скопје би требало во експресни рокови да го заврши процесот на уставни измени.

Инаку, според процедурите, денешната е само прва фаза од предвидените три за промена на Уставот. Седницата за потребата за отворање на Уставот може да трае максимум десет работни дена. Доколку се дојде до двотретинско мнозинство, тогаш се преминува во втората фаза. Тогаш Владата треба да го подготви текстот на нацрт-амандманите и да достави образложение. По ова, предвидено е текстот да се најде на јавна расправа која не смее да биде подолга од 30 дена. Откако финалниот нацрт-текст на амандманите ќе биде утврден тогаш за него повторно ќе се гласа на пленарна седница, но за тоа ќе бидат потребни 61 глас.

Потоа би следувала последната, трета фаза од процесот на уставни измени, а конечната одлука за промена на највисокиот правен акт – Уставот, повторно се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници односно со најмалку 80 гласа.

Со најкуси рокови, целиот процес би можел да заврши за три и пол месеци и да совпадне со крајот на скрининг фазата на почетокот на декември, какви што се надежите на власта. Сепак, властите најавија дека во случај да немаат двотретинско мнозинство, ќе ги убедуваат пратениците од опозицијата до крајот на мандатот на актуелниот собраниски состав, односно до јуни наредната година.

Лука Андреев