Силни потреси, голема врева и кошмар. Овие зборови го опишуваат ужасот што го доживеаа жителите на Мароко по земјотресот со јачина од 6,8 степени што ја погоди земјата. Земјотресот во кој загинаа и се повредени многу луѓе, гo погоди Мароко во вечерните часови односно по 23 часот по локално време.  Преживеаните кои ја поминале ноќта на отворено или во болници раскажуваат за доживеаниот хорор.

„Бев на посета кај соседите во истата зграда на третиот кат, одеднаш видовме работи што паѓаа одозгора, садови и други работи, не можевме ни да седиме или да стоиме, потоа истрчавме од куќата, исто како и сите други луѓе. Земјотресот беше многу силен“-Жител на Мароко.

„Бевме изненадени од силниот потрес, сè во куќата се движеше, не знаевме што се случи, мајка ми рече дека е земјотрес, реков не, не е можно, а потоа ја напуштивме куќата многу брзо”- Жител на Мароко.

„Бев во мојата куќа, видов луѓе како излегуваат надвор, слушнав многу врева, мислев дека е невреме, но тоа беше звукот на земјотресот” – Жител на Мароко.

„Спиев, првично почувствував движење во креветот, не верував, но вториот потрес  бев сигурен дека е земјотрес”- Жител на Мароко

„Одевме на работа во тој момент. Кога го слушнавме земјотресот, истрчавме надвор, но врз мене падна ѕид. Потоа дојдовме во болницата”- Повреден .

„После молитвата заспавме, но по неколку секунди го почувствувавме земјотресот и ја напуштивме куќата која целата беше уништена“-Повреден.

Првиот земјотрес со јачина од 6,8 степени кој траеше неколку секунди беше убиствен и ги  уништи  и историските места на Мароко бидејќи епциентарот беше  на плитка површина. Според Геолошкиот Институт во САД, епицентарот за земјотресот бил  на 18 километри под површината на Земјата, додека сеизмичката агенција на Мароко соопшти дека бил во длабочина од само 8 километри. После 19 минути, следувал афтершок со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала. Земјотресот, кој остави голем број објекти уништени, се смета како најсилниот што го погодил Мароко во последните 120 години.

Ајнур Бафтари