Зеленски најави зајакнување на воените капацитети со беспилотни летала

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски вчера изјави дека украинските власти подготвуваат нови форми на соработка со партнерите со цел да ги зајакнат воените капацитети со дронови, пренесува МИА.

-Следната недела планираме значајни меѓународни состаноци и нови форми на соработка со партнерите, особено во однос на беспилотните летала, во смисла на зајакнување на нашите способности во користењето на беспилотни летала и во спротивставувањето на руските беспилотни летала, како и во зајакнувањето на способностите на радио-електронска војна, рече Зеленски, пренесуваат украинските медиуми.

Зеленски вчера одржал многу состаноци, меѓу кои и состанок за безбедносните гаранции, што, според него, е еден од клучните приоритети на украинската влада. Тој додаде дека вчера утврдиле какви резултати треба да постигнат во блиска иднина.

Данските власти соопштија дека ќе донираат 19 американски борбени авиони Ф-16 на Украина во вториот квартал од 2024 година, кога ќе заврши обуката на пилоти.

Данска, која ги заменува своите Ф-16 со помодерни Ф-35, и вети на Украина 19 авиони. Холандија, која учествува во обуката на украинските пилоти, ќе обезбеди 42 авиони, но не се знае точно кога.