Зградата на МНР во боите на украинското знаме во пресрет на втората годишнина од руската агресија

Министерството за надворешни работи во боите на украинското знаме во пресрет на втората годишнина од руската воена агресија врз Украина, објави на Фејсбук министерот за надворешни работи, Бујар Османи.

Тој истакнува „недвосмислена поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Остануваме на страната на украинскиот народ и нивната борба за слобода, мир и демократски вредности, наведува Османи во објавата.

Во понеделник во Скопје ќе се одржи Конференција „Украина – две години хероизам“ во Музејот на македонската борба за независност, со почеток во 10 часот, во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.

Богатата програма на конференцијата опфаќа обраќања на највисоки претставници на нашата држава и дипломатските претставници на ЕУ, САД, Велика Британија, Шведска, Албанија, Чешка, Франција, Јапонија, Шведска, Германија, Полска и Литванија.

Во музејот ќе бидат поставени и две изложби. „Проект Украина: Доживување на војната“, електронска изложба со виртуелна реалност и „Поштенска картичка од Украина“, изложба на фотографии.

Програмата предвидува и промоција на книгата „Украина – години на хероизмот“ од Џабир Дерала.

Организаторите најавија повеќе информации во текот на викендот.

Здружението на Украинците во Македонија „Лесја Украинка“ ќе одржи мирен протестен марш по повод двегодишнината од почетокот на целосната руска воена агресија против Украина.

Настанот ќе започне на Алеја „Украина“ во центарот на Скопје (пред хотел „Мериот“ на плоштад „Македонија“), а потоа ќе продолжи пред амбасада на руската федерација.

Здружението упати покана до сите граѓанки и граѓани кои ја поддржуваат борбата на Украина за слобода, да ѝ се придружат на оваа манифестација.