Грчкото правосудство покрена обвинение против уште 40 навивачи на Динамо Загреб, откако навивач на АЕК беше избоден со нож во Атина, со што бројот на обвинетите се искачи на 70, соопшти судски извор.

Повеќе од стотина хулигани беа уапсени во понеделникот вечерта по масовната тепачка меѓу приврзаниците на двата клуба, пред натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите.

Во тепачката загина грчкиот навивач на АЕК, Михалис Кацурис (29). Тој починал од крварење откако се здобил со убодни рани на левата рака. Најголем дел од досега обвинетите се Хрвати кои се осомничени дека се членови на навивачката група „Бед блу бојс“ на Динамо Загреб, кои отпатуваа за Грција ден пред прелиминарниот натпревар од Лигата на шампионите.

Сите приведени се товарат за убиство, злосторничко организирање и недозволено поседување оружје. Грчката влада соопшти дека премиерот Кирјакос Мицотакис телефонски разговарал со претседателот на УЕФА Александар Чеферин, кој во среда треба да пристигне во Атина за да разговара за проблемите „во грчкиот и европскиот фудбал“.

Прикажи повеќе