Ракометната куќа на Македонија ја информираше јавност дека Љубомир Савевски нема повеќе да ја извршува фукцијата селектор на нашиот најдобар женски национален тим. РФМ и искусниот стратег спогодбено ја раскинаа соработката, и така Савевски по две години ја напушта селекцијата.

„Ракометната Федерација на Македонија ја известува јавноста дека македонската куќа на ракометот и Љубомир Савевски, на 05 мај 2023 г., взаемно се спогодија да ја прекинат соработката околу ангажманот на женските македонски ракометни категории. Љубомир Савевски ја извршуваше наведената функција во период јуни 2021 – мај 2023 годинa “, стои во објавата на РФМ.

Савевски во 2021 по пауза од 14 години се врати на клупата кај дамите, кои ги предводеше на Европското првенство кое што минатата есен се играше во Скопје. Во својот прв мандат како селектор во 2007 година ја предводеше женската репрезентација на Македонија на Мундијалот во Франција, а беше тренер и на Кометал Ѓорче Петров.

Прикажи повеќе