Европската унија (ЕУ) официјално го усвои единаесеттиот пакет санкции против Русија, како одговор на агресијата врз Украина, соопшти шведското претседателство со ЕУ.

„Уништувањето на браната Каховка ја покажува бруталноста на руската војна против Украина и нејзиниот презир кон цивилниот живот и инфраструктурата. Тоа ја покажува и потребата ЕУ да го зголеми притисокот врз Русија“, рече Тобијас Билстром, министер за надворешни работи на Шведска.

Тој додаде дека новите санкции дополнително ги намалуваат приходите и воените можности на руската држава.

Според најавата на шведското претседателство, новиот пакет дополнително ќе го ограничи пристапот на Русија до технологијата и индустриските стоки што се користат во системите за оружје.

Пакетот вклучува и мерки за да се спречи заобиколувањето на санкциите и да се осигура дека овие производи не стигнуваат до Русија преку посредници.

Се прошируваат и забраните за пристап до пристаништата на ЕУ и транзитот на стоки низ Русија.

Прикажи повеќе