Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган вчера се пожали дека му е непријатно користењето на како што рече „ЛГБТ боите“ во Обединетите нации, чие седиште во Њујорк оваа недела беше украсено со светли бои кои ги промовираат целите на ОН за одржлив развој, пренесува Ројтерс.

Ердоган вели дека за ова прашање би сакал да разговара со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, објавија турските медиуми.

Инаку, турската влада, предводена од Ердоган и неговата Партија на правдата и развојот (АКП), како што потсетува агенцијата, го заостри својто став во однос на слободите на припадниците ЛГБТ заедницата.

„Едно од прашањата што најмногу ми пречи… е тоа што кога влегувате во Генералното собрание на Обединетите нации, ги гледате ЛГБТ боите на скалите и на други места…Колку ЛГБТ има во светот во моментов?. Колку и да имаат право на овие чекори, исто толку право имаат и оние против ЛГБТ“, рече Ердоган, цитиран од телевизијата Хабертурк, но и од други медиуми.

Турскиот претседател често ги етикетираше членовите на ЛГБТ заедницата како „девијантни“ и особено ја заостри својата реторика за време на неговата изборна кампања оваа година.