Ердоган најави крај на политичката кариера по локалните избори во Турција

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган изјави вчера дека локалните избори во земјата во март ќе бидат негови последни, најавувајќи крај на неговото повеќе од дведецениско владеење.

Ова е првпат Ердоган, кој е на власт од 2003 година, да зборува за напуштање на функцијата.

„Работам постојано. Трчаме без здив затоа што, за мене, тоа е финале. Со овластувањата што ми ги дава законот, овие избори се мои последни избори“, истакна тој на состанокот на младотурската фондација ТУГВА.

Седумдесет годишниот лидер изрази уверување дека неговата конзервативна Партија на правдата и развојот (АКП) сепак ќе остане на власт дури и откако тој ќе ја напушти функцијата.

Според него, резултатите од локалните избори на 31 март ќе бидат „благослов за браќата што доаѓаат по мене. Ќе има пренесување на довербата“.

АКП се надева дека ќе го врати градоначалникот на Истанбул на овие избори, откако опозицијата го презеде во 2019 година.

Ердоган беше градоначалник на Истанбул од 1994 до 1998 година.

Тој потоа беше избран за премиер во 2003 година, кога шефот на влада беше доминантна фигура во турската политика.

Тоа се промени кога Ердоган беше избран за претседател во 2014 година, по три мандати како премиер.

Уставната измена во 2017 година потоа ја претвори Турција од парламентарен систем во извршно претседателство, укинувајќи ја функцијата премиер и осигурувајќи дека контролата на Ердоган на власта ќе остане непроменета.

Г. Т.