До крајот на неделава се очекува бројот на бегалците да надмине 2 милиони. Во градот Харков десетици илјади граѓани чекаат на железничката станица. Украинците главно бараат засолниште во Полска, Романија и Молдавија. Полските власти го зголемија бројот на волонтери на граничните премини.

„Се обидуваме да организираме храна и места за одмор, особено топли шатори. Тешко ни е кога гледаме деца. Се обидуваме да им ја ублажиме траумата и им даваме колачи“, вели Сузана Косева, волонтер од Полска.

Некои бегалци патуваат со денови зашто патот низ кој поминувале бил цел на руски напади.

„Излеговме од дома на 24 февруари во 5 часот наутро. Бевме нападнати и сè околу нас беше уништено. Побегнав од дома со моите два сина. Една недела се засолнивме во друг град, потоа излеговме и патувавме два дена додека не стигнавме во Полска“, вели Јулија Овстровкаја, бегалека.

Многу семејства во Молдавија засолнуваат жени и деца. Многумина ги оставиле своите најблиски во Украина.

„Го напуштив Киев со моите деца, а мојот сопруг и неговите родители останаа таму. Тој има и брат кој е вооружен и се бори за ослободување на земјата. Моите родители и брат ми се исто така во Украина. Ни требаа 12 часа да стигнеме до границата со Молдавија“, рече Анастасија Љубимова, бегалка.

Руската армија утринава најави отворање на коридорите, но нагласи дека за време на евакуацијата не смее да има воена артилерија која би можела да ги загрози руските војници. Портпаролот на руското Министерство за одбрана, изјави дека пред неколку дена руската армија ги нападнала коридорите, бидејќи военото разузнавање открило дека меѓу нив се камуфлирани украински вооружени војници.

„Денеска има отворени коридори од Киев до Гомел, два коридора Мариупол-Жапорожја и Ростов-Дон, еден од Харков до Белгород и два други од Суми до Белгород и Полтава“, рече Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана, Русија.

Шефот на европската дипломатија Џозеф Борел, изјави дека ЕУ очекува најмалку 5 милиони бегалци од Украина да побараат засолнување во европските земји. Покрај Полска, Романија и Молдавија, евакуација, но во Русија побараа и дел од украинските граѓани, главно жители на провинцијата Добас.

Адријан Керими