Словенечката супер-ѕвезда Лука Дончиќ објави дека ќе се ожени со неговата долгогодишна љубов, Ана Марија Голтес. Двојката е заедно уште од тинејџерските денови, а Дончиќ ја запроси својата девојка на интересен и симболичен датум.

Судбоносното „ДА“ било кажано на 07.07.2023 година и го симболизира бројот „77“ кој Дончиќ го носи во тимот на Далас Маверикс од НБА лигата. Неговата девојка е исто така од Словенија, а тие се забавуваат малку повеќе од шест години. Првпат се запознале на хрватското приморје кога имале само дванаесет години, а нивната љубов „се родила“ нешто подоцна

Неговата свршеница е најголем фан и поддржувач на трибините и неретко може да биде забележана во ТВ-преносите. Сè уште не е познато кога и каде ќе се одржи свадбата, но се шпекулира дека тоа веројатно би било наесен или евентуално следното лето.

Третиот „пик“ на драфтот од 2018 година се наметна како еден од најдобрите кошаркари во НБА лигата. Неговиот Далас Маверикс минатата сезона не стигна ниту до плеј-офот, но управата има големи планови за следната кампања и веќе беа доведени неколку засилувања кои ќе им помогнат на одличните Дончиќ и Кајри Ирвинг во обидот да остварат позабележителен резултат.

Прикажи повеќе