Ако нема дијалог меѓу Косово и Србија, може да се повтори ескалацијата. Со оваа порака, дипломатската петорка предводена од Лајчак, по средбата со премиерот на Косово Албин Курти отпатува за Белград на средбата со српскиот претседател Вучиќ. Лајчак рече дека „секој услов или какво било одложување на нормализацијата на односите е неприфатливо“.

„Дијалогот нема алтернатива, бидејќи дијалогот носи нормализација на односите меѓу Косово и Србија и го отвора европскиот пат за Косово и Србија. Значи, нападите во Бањска на 24 септември сменија многу работи, и мислам дека бев многу јасен, треба да се истражат како што треба, да се донесат заклучоци, а сторителите да се соочат со последици. Во исто време, дијалогот мора да продолжи и всушност е поважен од кога било, бидејќи ако нема дијалог, може да се повтори ескалацијата и тоа не е она што го сакаме. И сигурен сум дека тоа не е она што го сакате и затоа сме тука и затоа сакаме да одиме напред со процесот на нормализација и имплементација на договореното во Охрид“, рече Лајчак.

Тој истакна дека Курти, како премиер на Косово, „има одговорност да постигне напредок во нормализацијата на односите, доколку Косово сака да постигне напредок кон ЕУ.

„Тука треба да ја истакнеме потребата од формирање на Здружение на општини со српско мнозинство во Косово без понатамошно одложување. Без ова, нема да има напредок на европскиот пат на Косово“, додава Лајчак.

Косовскиот премиер Албин Курти им порача на дипломатите дека за неговата земја најважно прашање е безбедноста на државата, на граѓаните, границите и територијата. Курти рече дека по терористичкиот и криминалниот напад од 24 септември извршен од паравоени групи со спонзорство и учество на Србија, „казната е клучна за тоа да не се повтори“.

“По терористичкиот и криминалниот напад од 24 септември извршен од паравоени групи со спонзорство и учество на Србија, „казната е клучна за тоа да не се повтори“. На средбата се разговараше за нормализација на односите меѓу Република Косово и Србија, поточно за имплементација на Основниот договор и Анексот за имплементација . Премиерот истакна дека е потребно квалитетно размислување и нов пристап “, стои во соопштението на кабинетот на Курти.

Од друга страна, претседателката на Косово, Вјоса Османи, по средбата со британската пратеничка, Алиша Кернс, го повтори барањето до меѓународната заедница за Србија да биде казнеат за минатомесечниот напад во северно Косово.

Шкелзен Аќифи