Де Кро: ЕУ мора да се реформира за да биде подготвена за проширување

Пред да станеме поголеми, ќе мора да станеме подобри, па затоа ЕУ ќе мора да се реформира пред да биде подготвена за проширување и за прием на нови членки, изјави вечерва во Брисел, белгискиот премиер Александер де Кро, пренесува МИА.

– Потребна ни е Европска Унија што ќе биде способна да носи одлуки на побрз начин, задржувајќи го своето единство и што ќе биде поефикасна во искористувањето на ресурсите, истакна Де Кро на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по средбата на еврокомесарите со министрите во белгиската Влада со која официјално беше инаугурирано претседавањето на Белгија со Советот на ЕУ.

Де Кро нагласи дека односите меѓу претседателството со Европскиот совет и Европската комисија се исклучително важни и нивната соработка е од круцијално значење, додавајќи дека сето она што ќе го работи Белгија ќе биде насочено кон интересите на европските граѓани и нивната благосостојба.

– Нашето претседавање доаѓа во значајно време. Како никогаш досега жителите на Европа гледаат кон ЕУ со јасни очекувања да ги заштити, да ја зајакне нивната благосостојба и да ја подготви нивната заедничка иднина, порача Де Кро.