Дводневно пленарно заседание на ЕП, ќе се дебатира и за последиците од недемократските претседателски избори во Русија

Новите правила за миграцијата и азилот во ЕУ, реформата на европскиот енергетски пазар, зајакнувањето на борбата против сексуалната онлајн злоупотреба на деца, руските претседателски избори и неколку законски регулативи поврзани со заштита на животната средина, се главни теми за кои ќе се изјаснат европратениците на пленарната сесија на Европскиот парламент што ќе се одржи денеска и утре во Брисел.

Дополнително на дневниот ред на ова заседание би можело да биде вметнато и усвојувањето на Предлог-регулативата за воспоставување на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, која вчера со огромно мнозинство беше одобрена на заедничка седница на комисиите за надворешни работи и за буџет на Европскиот парламент.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, дводневното заседание на Европарламентот ќе започне со обраќање пред пратениците на белгискиот крал Филип, кој пред тоа ќе се сретне со претседателката на ЕП, Роберта Мецола.

Работниот дел од сесијата ќе започне со дебата и гласање за реформата на правилата за азил и миграција на ЕУ, која треба да обезбеди споделување на одговорноста за прифаќање на новопристигнатите мигранти меѓу земјите членки на Унијата, поефикасен одговор на блокот во случај на мигрантска криза, како и почитување на основните човекови права.

На дневен ред е усвојувањето на новите правила за заштита на децата од онлајн сексуалната злоупотреба, со што на интернет платформите им се овозможува да продолжат да ги применуваат мерките за откривање на материјали од сексуална злоупотреба на деца до 3 април 2026 година.

На денешното продолжение на сесијата се и дебатите за „последиците од недемократските претседателски избори во Русија на 18 март“, вклучувајќи го и нивното „нелегитимно организирање на окупираните украински територии“, како и за состојбата со демократијата во Унгарија, со посебен фокус на нејзината импликација врз буџетот на ЕУ.

Европратениците треба да се изјаснат и за новите правила за складирање, третман и испуштање на урбаните отпадни води со цел поефективна заштита на животната средина и здравјето на луѓето, како и за Предлог-законот за воспоставување на рамка за јаглеродна сертификација, што треба да помогне за намалување на емисиите на јаглеродот и за новите правила за намалување на емисиите на метан од страна енергетскиот сектор, чија цел е постигнување на климатска неутралност на ЕУ до 2050 година и подобрување на квалитетот на воздухот.

Челновите на ЕП денеска треба да дебатираат и да гласаат за ревизија на фармацевтската политика на ЕУ, која има за цел да ги поттикне иновациите и да ја подобри безбедноста на снабдувањето и достапноста до лековите.

На пленарната седница денеска е и усвојувањето на ревизија на т.н. Директива за појадок, со што треба да им се помогне на потрошувачите да правата избори меѓу земјоделско-прехранбените производи, како мед, сокови, џемови и мармалади, врз основ на соодветни информации.

Утре европратениците ќе дебатираат и ќе се изјаснат за реформата на пазарот на електрична енергија во ЕУ, што треба да обезбеди заштита на потрошувачите од ненадејни ценовни шокови, како и да воспостави нови правила за користењето на обновливи енергетски извори и гасови со ниска концентрација на јаглерод при производството на струја во Унијата.

На утрешното продолжение на сесијата, европратениците ќе ги разгледаат и наводите за ограничување на владеењето на правото и слободата на медиумите во Словачка.

Ова е претпоследно редовно пленарно заседание на овој состав на Европскиот парламент, пред сесијата предвидена за од 22 до 25 април во Стразбур.