Ситуацијата на Блискиот Исток, поддршката за Украина во справувањето со руската агресија, ревизијата на Повеќегодишната буџетска рамка на ЕУ, состојбата на европската економија, прашањата за миграцијата и азилот и теми поврзани со надворешните односи на блокот, ќе бидат во фокусот на Самитот на Унијата, што денеска и утре ќе се одржи во Брисел.

Како што наведе претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во поканата до шефовите на држави или влади на членките на ЕУ за учество на Самитот, овој состанок се одржува во време на голема глобална нестабилност и несигурност, дополнително влошени од случувањата на Блискиот Исток, кои бараат „итно внимание“ на Унијата, но при тоа не треба да ја одвлекуваат од нејзината континуирана поддршка за Украина.

Според Мишел, како што јави дописникот на МИА од Брисел, одговорност на членките на Унијата е да останат обединети и кохерентни и да дејствуваат во согласност со вредности утврдени со Договорот за формирање на ЕУ.

Осврнувајќи се случувањата на Блискиот Исток, кои прераснаа во отворен конфликт по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври, Мишел оценува дека состојбата во регионот претставува трагедија и дека влошената хуманитарна ситуација во Газа предизвикува сериозна загриженост.

Прикажи повеќе