Две години херојство на Украина: Значаен настан кој ги одбележа храброста и гордоста и го упати погледот кон иднината

„Украина- две години хероизам“  е насловот на годинешната мултимедијална конференција што се одржа на 26 февруари, во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ- Центар за слобода, во Музејот на македонската борба за независност.

Конференцијата се одржа по повод две години од почетокот на руската воена агресија врз Украина, и е единствена од овој формат.

Мултимедијалниот настан собра на едно место голем број дипломати од целиот свет, македонски политичари и интелектуалци, кои со своите обраќања ја потврдија безрезервната поддршка за Украина и украинскиот народ, и му порачаа на светот дека поддршката во секаква форма ќе продолжи до крајот на војната.

Конференцијата се одржа во две сесии, од кои, на првата со свои обраќања говореа македонскиот претседател Стево Пендаровски и Амбасадорката на Украина Лариса Дир, кои воедно и беа првите говорници. На првата сесија говореа премиерот Талат Џафери, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за добро владеење Славица Грковска, министрите за надворешни работи и одбрана,  Бујар Османи и Славјанка Петровска, заменик омбудсманот, пратеничката Арта Билали Зендели.

Во втората сесија на конференцијата говореа дипломатските претставници на ЕУ, САД, Велика Британија, Шведска, Албанија, Чешка, Франција, Јапонија, Германија, Полска и Литванија.

Поставени беа и две изложби, „Проект Украина: Доживување на војната“, електронска изложба со виртуелна реалност и „Поштенска картичка од Украина“, изложба на фотографии. На конференцијата се промовираше и втората книга од претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, под наслов „Украина- години на хероизмот.

Учесниците на конференцијата едногласно ја изразија поддршката за Украина и Украинскиот народ, со порака дека ќе опстојат на поддршката и солидарноста се до крајот на војната.

СЕСИЈА 1 – Политичкиот врв на Северна Македонија и Н.Е. Амбасадорката на Украина, Лариса Дир

Конференцијата со свое обраќање ја отвори претседателот Стево Пендаровски, во кое ја изрази целосната поддршка за Украина, и порача дека Северна Македонија ќе биде на вистинската страна се додека не настапи мирот кој ќе биде по мерка на пријателскиот украински народ.

Украинската Амбасадорка Лариса Дир, во своето обраќање апелираше до сите стратешки партнери да се зајакне одбранбената поддршка и проширување на одбранбените коалиции за безбедноста.

Актуелниот премиер, Талат Џафери во својот говор го истакна постојаниот став дека нашата поддршка кон Украина и украинскиот народ ќе продолжи да биде во нашиот фокус.

Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања, меѓу другото во својот говор посочи дека поддршката за Украина не е трошок, туку инвестиција во иднината на една голема и храбра нација, но и инвестиција во нашата сопствена безбедност, стабилност и мир.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, им оддаде посебна почит кон храбрите украински војници кои војуваат на боиштата, но и на украинските цивили коишто на најдобар можен начин ги бранат своите домови и домовите на најблиските, и  порача дека Северна Македонија останува да ја поддржи Украина се додека е потребно.

Изразувајќи ја солидарноста со Украина, вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска истакна дека се надева дека не е далеку денот кога ќе одбележиме крај на војната, и дека наскоро заедно со Украина ќе бидеме дел од европското семејство.

Јован Андоновски, заменик омбудсман на Република Северна Македонија во своето обраќање се потсети на своите посети на Украина, и ја изрази безрезервната поддршка за херојството на украинскиот народ.

Светла точка на сите овие трагични моменти што се случуваа во изминативе две години, а тоа е куражот на украинскиот народ, храброста на украинскиот народ да се борат за нивната слобода но и за нашата слобода, рече меѓу другото пратеничката Арта Билали Зендели.

СЕСИЈА 2 – Дипломатски претставници

Втората сесија на големата конференција „Украина- две години хероизам“ ја започна Дејвид Гир, амбасадор на Европската Унија во Република Северна Македонија.

Тој во својот говор меѓу другото, ја повтори поддршката на Европската унија, и посочи дека ЕУ ќе продолжи да биде еден од најголемите пријатели на украинскиот народ.

„Западот не го сврте грбот, ние се обединивме и ги здруживме силите, а НАТО наместо да се распадне, порасна. Денеска, две долги години подоцна, украинските херои продолжуваат да се борат.“, посочи американската амбасадорка Анџела Агелер.

Од амбасадата на Обединетото кралство на Конференцијата се обрати вршителката на работите, Џулија Смит, која порача дека во време на таква опасност и неизвесност во светот, не можеме да се изолираме од овие кризи. Нашиот одговор треба да биде сила, издржливост и единство, порача Смит.

„Чешката Република им се придружи на 14 други земји во потпишувањето на Договорот за формирање нова коалиција која ќе се фокусира на интегрираните воздушни и ракетни одбранбени способности. Оваа коалиција има за цел да ја зајакне и координира поддршката за зајакнување на воздушната одбрана на вооружените сили на Украина.“, изјави во своето обраќање амбасадорот на Република Чешка, Јарослав Лудва.

„Поминаа две години од руската инвазија врз Украина. Оваа војна не е само напад врз една земја туку врз нашите заеднички вредности и европската безбедност,изјави во своето обраќање В.Д амбaсадорот на Германија на Германија во Република Северна Македонија, Ото Граф.

„Додека политиката и дипломатијата треба да истраат во завршување конфликтот засекогаш, што е можно поскоро, малите секојдневни активности исто така можат да направат разлика. Разговарајте со вашиот пријател, со вашиот сосед, со вашите роднини; помогнете некому да не ги заборави бројките на невини жртви, на повредени, раселени; купувајте од онлајн бизниси во Украина; помогнете во одржување на болница или сиропиталиште…“, порача во своето обраќање албанскиот амбасадор Фатос Река.

„Не смееме да дозволиме рускиот режим да победи во оваа војна, мораме да победиме поради самата Украина“, порача меѓу другото во својот говор францускиот амбасадор Сирил Баумгартнер.

Ова е втора голема мултимедијална конференција, посветена на годишнината од почетокот на руската воена агресија во Украина, организирана и одржана од  ЦИВИЛ во соработка со Украинската амбасада.

Фото албум 

Подготви: Д. Тахири