Македонската одбојкарска репрезентација во голем стил го почна Европското првенство, ја совладавме Данска со 3-1 (22-25, 25-22, 25-19, 25-22) во сетови и го отворивме шампионатот онака како што посакувавме. Следниот предизвик за момците е во сабота кога имаме дуел со Црна Гора.

Македонските одбојкари триумфално го почнаа Европското првенство на кое и ние сме домаќините. Избраниците на Јошко Миленковски славеа против еден од конкурентите за пласман во следната фаза, селекцијата на Данска.

Откако го добија вниманието на македонската јавност со идеалното отворање на првенството, нашите одбојкари за наредните натпревари ќе добијат и поголема поддршка во салата „Борис Трајковски“ која синоќа беше полупразна, но и повеќе гледачи пред малите екрани.
Следуваат два празни дена за Македонија на шампионатот кои ќе бидат исполнети со тренинзи, анализи и креирање на тактика за мечот во сабота против Црна Гора.

Црногорците се вториот противник кој треба да го победиме за да го завериме местото во следната фаза. Тоа ќе биде историски успех за Македонија, првпат би поминале група на Европско првенство.
Подмладената селекција на Црна Гора би требало да е послаб противник од Данска, македонските одбојкари се оптимисти дека во сабота ќе дојдат и до втората победа и така треба да биде.

Денеска во салата „Борис Трајковски“ се играат преостанатите два дуели од нашата група, од 17 часот Црна Гора игра со Холандија, а три часа подоцна ќе почне дуелот меѓу Полска и Чешка. /Sport1.mk