Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, објави извештај за работата на УНМИК на Косово, во кој се наведува дека главен приоритет на Советот за безбедност е одржување на стабилноста на Косово и намалување на тензиите на северот, јави дописникот на МИА од Белград.

Антонио Гутереш во извештајот навести дека форматот на седницата на СБ на ОН за Косово во октомври, кога со Советот претседава Бразил, може да се промени, односно седницата да биде затворена за јавноста, особено по тензиите кои ја одбележа седницата одржана на 27 април.

Промената на форматот би овозможила, како што се наведува, „поискрена дискусија за предизвиците за спроведување на февруарскиот договор“.

Дополнително, се наведува дека членките на СБ се обединети во поддршката на дијалогот со посредство на ЕУ, но дека постојат длабоки поделби меѓу петте постојани членки – оние кои ја признаваат независноста на Косово (САД, Велика Британија и Франција), и оние кои не ја признаваат (Русија и Кина) и силно ја поддржуваат позицијата на Србија.

„Уште едно прашање за кое постојаните членки на Советот за безбедност на ОН не се согласуваат е прашањето за промена на мандатот на УНМИК“, рече Гутереш.

САД побараа крај на мандатот на УНМИК и намалување на зачестеноста на седниците за ситуацијата во Косово, слично како и во Велика Британија, додека Русија се противи на оваа идеја и се залага за отворени и редовни седници на СБ на ОН за Косово.