Заштитата на цивилите и безбедноста на местата за богослужба и верските институции треба да бидат обезбедени и почитувани од сите страни, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција по нападот врз грчката православна црква Свети Порфириј во Газа, за кој претходно Грција, побарала заштита од Израел, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР додадоа дека изразуваат „длабока тага за загубата на животи предизвикана од нападот на објект во непосредна близина на манастирот Свети Порфириј во Газа“.

За верските објекти, меѓу кои и конкретниот манастир и нивната заштита разговараа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и Вселенскиот патријарх Вартоломеј на нивната средба минатата седмица, а Мицотакис, го информираше дека „Владата стапила во контакт со израелската страна за да го заштити манастирот Свети Порфириј во Газа од нападите на израелските вооружени сили“.

Според Ерусалимската патријаршија, црквата синоќа била погодена при воздушни напади, Скај њуз објави дека во неа нашле засолниште нашле раселени Палестинци, а генералниот директор на болницата Шифа, Мохамед Абу Селмија, рече дека десетици се повредени без да може да даде точен биланс на загинатите бидејќи телата сѐ уште се под урнатините.

Прикажи повеќе