Македонскиот фудбалер, Горан Пандев изненадувачки ќе менува клуб во последниот ден од преодниот рок и ќе ја напушти Џенова за Парма до крајот на сезоната, објави „Скај Спорт Италија“.

Реномираниот медиум пишува дека Џенова ќе го ослободи популарниот Гранде Пандев за да игра во нападот на тимот кој се натпреварува во Серија Б. Се работи за позајмица до крајот на сезоната. Тимот од „Енио Тардини“ има интересна екипа составена од поранешни калчолигашки играчи, а капитен на тимот е легендарниот голман Џанлуиџи Буфон.

Доколку се остварат овие најави, Парма ќе биде седмиот тим за Пандев во Италија затоа што тој претходно покрај за Џенова играше за Наполи, Интер, Лацио, Анкона и Специја. Најдобар учинок имаше во Лацио, но најдлабока трага остави во Интер со кого ја освои „триплетата“ во 2010 година.

Парма во моментов се наоѓа на дванаесеттото место во Серија Б.