Горан Пандев веќе тренираше со Парма и се фотографираше во легендарната сино-жолта комбинација. Потпиша договор до крајот на оваа сезона, иако ништо не најавуваше дека ќе дојде до ваков чекор во неговата кариера. Сепак, реши да ѝ се придружи на Парма, која е троен освојувач на Купот на Италија, клуб чиј дрес го носеле врвни светски имиња и на кој местото му е назад во најсилната Серија А, смета Горан.

„Сè се случи набрзина и желбата да играм и да бидам протагонист, кој ќе придонесе за остварување на амбициите на клубот ме натера на оваа одлука. Се надевам дека ќе биде добро во Парма и дека ќе ги оствариме целите на клубот, а тоа е влегување во плеј-офот. Потоа ќе размислуваме и за враќање во Серија А, бидејќи клуб како Парма припаѓа токму таму – во Серија А“, беа првите зборови на Пандев.

Парма се пресели во Серија Б минатата сезона и во моментов се наоѓа на 12. место, осум бода помалку од осмото место, кое води во плеј-офот. Сигурно ќе биде посилна со Пандев во својот тим, но дури и да успее да се врати во Серија А, тоа нема да ги смени ставовите на нашиот Горан околу крај на кариерата.

„Не, не се менуваат моите планови за завршување на кариерата. Тоа останува исто, на крајот на сезонава ќе ставам крај на активното играње“, потврди Пандев.

Сите фудбалски симпатизери од земјава се радуваат за новиот предизвик во кариерата на Пандев, но еден од главните моменти е тоа што ќе игра заедно со Џанлуиџи Буфон. Ќе бидат две легенди, заедно во легендарен клуб, а Пандев ни откри и дека на големиот голман му олеснало што ќе бидат соиграчи.

„Сигурно дека задоволството е големо што ќе играм со Буфон. Знаеме што значи тој за светскиот фудбал и што сè направи во неговата кариера. Кога се видовме на првиот тренинг веднаш ми рече ’конечно сме во иста екипа, сега нема повеќе да ми даваш голови‘“, раскажа Пандев, бренд амбасадорот на Видеолотарија Касинос Австрија.

Парма е седми клуб во неговата кариера во Италија, која почна во 2001 година, кога дојде како младинец во Интер. До 2004 играше како позајмен во Специја и во Анкона, а од 2004 година почна неговата епизода во Лацио, каде што првпат се покажа на големата сцена. Во интер, од 2009 до 2012 ги доживеа најблескавите мигови во кариерата, освојуваќи го пехарот во Лигата на шампионите, тројната круна во Италија, како и Светското клупско првенство. Играше две години и во Наполи, а по кратката авантура во Галатасарај (2014/15), се врати во Италија и стана икона на Џенова сè до овој јануари.

#ИграјЗаЗабава #ИграјОдговорно