Германска министерка за образование: Училиштата треба да ги подготват учениците за можна војна

Учениците во Германија мора да бидат подобро подготвени да се соочат со сите видови потенцијални кризи и катастрофи, вклучително и војна, изјави германската министерка за образование Бетина Старк-Ватцингер, јавува Дојче веле.

Членката на Слободни демократи (ФДП) ја истакна важноста на цивилната одбрана во интервју за локалниот весник Funke Media Group. Старк-Ватцингер нагласи дека училиштата треба да се занимаваат со цивилна одбрана, додавајќи дека целта мора да биде „јакнење на нашата отпорност“.

„Општеството како целина мора да биде добро подготвено за кризи – од пандемии, природни катастрофи до војна“, истакна министерката.

Старк-Ватцингер се осврна на вежбите за цивилна одбрана спроведени во училиштата во други земји, како што е Велика Британија, сметајќи дека Германија може да го стори истото.

Министерката повика и на развивање на „опуштен“ однос меѓу учениците и вооружените сили. Таа предложи воени лица да ги посетат училиштата за да објаснат што „Бундесверот (вооружените сили) прави за нашата безбедност“. Потенцира дека не може да го разбере отпорот на таквата практика.

На службеници на Бундесверот во моментов им е дозволено да ги посетуваат училиштата во Германија на покана од наставници или училишни администратори. Старк-Ватцингер, исто така, повика да се запознаат младите луѓе во Германија со заканите по слободата со цел подобро да се подготват за справување со таквите опасности. Според неа, ова не треба да биде посебен училишен предмет, туку дел од наставната програма.

Г. Т.