Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека Србија во понеделник ќе поднесе барање за одржување итна седница на Советот за безбедност на ОН.

Вучиќ рече дека напишал писмо за актуелната ситуација што ќе го добијат сите претставници на земјите-членки на ЕУ, претставници на институциите на ЕУ, како и претседателите и премиерите на сите членки на Советот за безбедност, вклучително и Русија и Кина.

Тој рече дека сите потпишани договори во дијалогот меѓу Белград и Приштина го вклучуваат правото на Република Србија да финансира одредени активности – здравство, образование, пензии за српското население.

„Ова право не беше доведено во прашање со ниту еден акт“, рече Вучиќ во обраќањето до медиумите во Белград по повод одлуката на Приштина за укинување на динарот.

Тој рече дека на таа тема нема да има разговори меѓу Народната банка на Србија и Централната банка на Косово и дека Приштина кога ги бара овие разговори всушност бара признавање.

„Ние веруваме дека режимот на Курти ќе продолжи со одвлекување на вниманието и нови досетки“, рече српскиот претседател.

Тој рече дека Србија на косовските Срби ќе им исплати околу 22 милиони евра плати, пензии и други бенефиции.