Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението од Службата за соработка на српскиот претседател се наведува дека „Вучиќ посочил дека Србија е секогаш подготвена за дијалог, за почитување на се што е потпишано и договорено и повторил дека Србија се залага за деескалација, мир и стабилност, кои се неопходни за да се обезбеди опстанок на Србите во Косово и Метохија“.

-Претседателот Вучиќ на денешната средба инсистирал на формирање Заедница на српски општини (ЗСО), а се разговарало и за други важни теми во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, се наведува во соопштението.

Претседателот Вучиќ уште еднаш детално го информираше специјалниот претставник на ЕУ за тежината на ситуацијата со која се соочуваат Србите, и северно и јужно од Ибар, изразувајќи надеж дека ќе се постигнат резултати во понатамошниот процес на дијалогот.

Директорот на Канцеларијата за КиМ, Петар Петковиќ, на прес-конференцијата по средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, на која присуствуваше и тој кажа дека „ја прифативме поканата на господинот Лајчак за два дена да се сретнеме во Брисел, каде ќе продолжат разговорите меѓу Белград и Приштина. Нашата страна е многу подготвена и оди со специјален тим од експерти каде што ќе разговараме за текстот на статутот на ЗСО што е прв конкретен чекор кон формирање на Заедницата на српски општини“.