Согласно одлуката на Владата на Србија од 25 декември минатата година, на територијата на Србија од денеска е овозможено слободно движење на возила со косовски „РКС“ регистарски таблички.

Како што претходно најави директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, Владата на Србија донела ваква одлука „за да им помогне на Србите од Косово“, пренесе Бета.

Објавувајќи ја одлуката за медиумите, тој рече дека тоа е дополнителен импулс за иницијативата „Отворен Балкан“, која ќе им го олесни животот на Србите кои живеат на Косово, „бидејќи тие најмногу ги користат административните премини“.

Одлуката на Владата на Србија да ги признае табличките „РКС“ беше донесена веднаш откако Србите кои живеат во општините на северот на Косово во голема мера ги заменија претходно неутралните таблички „КС“ на УНМИК, како и табличките издадени од Министерството за внатрешни работи на Србија со имиња на градови во Косово, со регистарски таблички издадени од властите во Приштина.

Петковиќ рече дека не е тајна дека 99 отсто од Србите на Косово користат регистарски таблички РКС (Република Косово), бидејќи тоа е единствениот начин да се движат низ Косово.

Прикажи повеќе