Министрите за одбрана повторно се состануваат во Брисел денеска на вонреден состанок, а на дневен ред е засилувањето на НАТО на истокот, можна мировна мисија и заштитата на украинското небо, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Advertisements

Овој нов вонреден состанок на земјите членки на НАТО ќе започне со седница на која ќе земат учество министрите за одбрана на Украина, Грузија, Шведска и Финска, по што 30-те земји членки ќе разговараат за најголемите предизвици со кои се соочува Северноатлантската алијанса, три недели по почетокот на руската инвазија на Украина.

На пристигнување во седиштето на НАТО во Брисел утрово некои министри за одбрана на земји членки ги изразија своите ставови пред новинарите.

Велика Британија порача дека денеска ќе се разговара за полскиот предлог за испраќање меѓународна мировна мисија во Украина, но дека претходно треба да се соберат сите детали за овој предлог. Естонскиот министер за одбрана од своја страна не ја исклучи оваа опција, но нагласи дека за тоа ќе биде потребно „зелено светло“ од Советот за безбедност на Обединетите нации. Други земји членки, сепак, сметаат дека е рано за ваква мисија и дека е прво потребен прекин на огнот.

Она за што се согласни сите 30 земји членки е дека ќе продолжат да испраќаат оружје во Украина и ќе продолжат да ѝ помагаат на сите можни начини, финансиски, хуманитарни или воени, истовремено засилувајќи го присуството и подготвеноста на Алијансата во источниот дел.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, порача дека мора НАТО да направи сѐ овој конфликт да не ескалира надвор од Украина.