Уште во 1879 година, ботаничарот Вилијам Бил од Државниот универзитет во Мичиген (MSU) закопал 20 шишиња за да започне експеримент за долговечност на семето. Повеќе од 140 години подоцна, дел од семките во едно од шишињата, никнаа!

„Најголемото изненадување за мене е тоа што семките повторно никнаа“, вели растителниот биолог Френк Телевски од МСУ. „Неверојатно е што нешто толку старо сè уште може да расте“, додава тој.

На почетокот на експериментот, семките од 21 вид биле ставени во 20 шишиња, а потоа закопани, открива Science alert.

Главната цел била да им се помогне на фармерите да сфатат како да се справат со плевелот што опстојува во земјата – многу години пред да бидат измислени пестицидите. Идејата била да се ископува по едно шише на секои пет години и да се провери активноста на семињата. Како што одминувало времето, истражувачите го продолжиле времето помеѓу ископувањата. Денес експериментот сѐ уште трае, а интервалот на ископување е на секои 20 години.

Иако многу од семките се мртви, неколку не се – и за прв пат во овој експеримент (сега најдолготрајниот од ваков вид), тимот ја искористи најновата технологија за анализа на ДНК со цел да идентификува кои видови семиња опстанале.

„Работата на молекуларната генетика ги потврди фенотипите што ги видовме. Најотпорни се семињата на  растението Verbascum blattaria, или обичен лопен“, вели растителниот биолог Грејс Флеминг од MSU.

Со преостанати четири шишиња, експериментот е предвиден да трае до 2100 година. Шишињата остануваат на тајно место, така што никој надвор од истражувачкиот тим не може да ги отвори или манипулира.