Ширум источното крајбрежје во Австралија денеска е објавено предупредување за поплави, а десетици илјади граѓани на Сиднеј веќе ги напуштија своите домови во текот на обилните врнежи од дожд во најголемиот град во земјата каде што предградијата се веќе поплавени.

Реките во источниот дел на земјата се на максимално ниво на коритата по рекордните врнежи од дожд во неколку делови од Квинсленд и Нов Јужен Велс во изминатите неколку недели.

Отсечени се населби, а водата однела цели фарми, стока и патишта. Полицијата во Квинсленд потврди и за еден смртен случај на маж кој исчезнал на 27 февруари, па вкупниот број на загинати достигна до 20 лица од почетокот на кризата.

Силен дожд го зафатил Сиднеј и денеска, а во поединечни преградија од вчера паднаа 200 милиметри дожд, со што е надминат мартовскиот просек од 140 милиметри, јавуваат тамошните медиуми.

На телевизиските снимки прикажани се поплавени патишта и автомобили на северните плажи во Сиднеј, а на жителите од пониските населби им е кажано да бидат подготвени за евакуација.

Околу пет милиони жители на овој град добиле предупредување да не тргнуваат на пат без потреба и на време да го планираат движењето низ градот со јавен превоз.