Оваа година ќе биде клучна за процесот на проширување на Европската Унија, најави еврокомесарот Оливер Вархеји. Тој кажа дека претстојат промени кои ќе доведат до поефикасен начин на проширувањето на Унијата, но не сподели детали каков би бил новиот план на Брисел. Вархеји истакна дека времињата се сменети и проширувањето ќе се забрза поради војната во Украина.

„Се надевам оваа година ќе се донесат решенија без преседан, тоа ќе бидат решенија за забрзување на процесот на проширување. Дури и кај оние земји-членки кои се уште го немаат ова како приоритет во својот дневен ред, сега ова ќе им биде приоритет, бидејќи и на дневниот ред на средбите на лидерите проширувањето ќе биде приоритет“, рече Вархеји.

Еврокомесарот сепак порача земјите аспиранти напорно да работат на владеењето на правото и борбата против корупцијата, бидејќи, како што додаде, земјите-членки не сакаат изненадувања на ова поле. Вархеји ова го кажа на форумот „ЕУ-Западен Балкан“ кој се одржува во Софија. Македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеза Руси Поповска повика Брисел што повеќе да ги вклучува земјите од регионот при процесот на одлучување, бидејќи тоа ќе доведе до поефикасна интеграција пред самото зачленување во Унијата.

Бугарскиот министер за надворешни работи Иван Кондов пак, кажа дека во земјите од Западен Балкан постојат предизвици кои ја отежнуваат можноста проширувањето да се најде високо на дневниот ред на ЕУ.

„Има распространета пропаганда и дезинформации против Европската Унија. Затоа треба да ја поддржуваме слободата на медиумите, човековите права, треба да се бориме со говорот на омраза и случаите предизвикани од омраза. Такви примери има во Северна Македонија, каде Бугарите се исправени пред различни мерки и напади“, рече Иван Кондов – министер за надворешни работи на Бугарија.

Од друга страна, поранешниот шеф на бугарската дипломатија, Соломон Паси кој е еден од организаторите на форумот нагласи дека проширувањето треба да се забрза, зашто проблемите меѓу Македонија и Бугарија, и Грција и Турција, се занемарливи во однос на, како што вели, големата опасност за Унијата која доаѓа од Русија и Кина.

Лука Андреев