Брисел го започна процесот на реформирање на Европската Унија. Првиот човек на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Марко Трошановски оценува дека за Македонија, како земја-кандидат, најважна е реформата за начинот на носење на одлуките за проширувањето. Односно, ваквата одлука да се не носи со едногласност, како што е сега, туку со квалификувано мнозинство. Според Трошановски, добра вест е што на овој начин ќе се намалат шансите за блокади по евроинтегративниот пат.

„Нашиот дел се однесува на проширувањето и тука се предлага меѓуфазите во преговарачкиот процес, значи освен отворањето и затворањето на преговорите каде што останува едногласноста, да се оневозможи некој да не блокира поради свој личен каприз или заштитувајќи туѓи интереси. Така што, тоа е одлична можност да се врати кредибилитетот на процесот, којшто е значително нарушен изминативе години“, вели Трошановски.

Но, од друга страна, Трошановски додава дека лоша вест е што засега нема консензус за ваквата промена. Тој смета дека е позитивно што процесот е сепак започнат и зад идејата за ваква реформа стојат највлијателните земји членки, потсетувајќи дека предлогот е изготвен од експерти од Париз и Берлин. Аналитичарот нагласи дека овој процес на реформирање би траел седум до десет години што коинцидира со поставениот политички рок за проширување на Унијата со нови членки, до 2030 година. Дотогаш, како што вели, ќе има преговарања и разубедување на земјите од источниот дел на ЕУ, кои не ја фаворизираат оваа идеја.

„Една членка ако не се согласи на оваа промена, многу е тешко истата да се направи. Заговараат некои задни патишта за да се избутка оваа реформа, каде што не треба онаа едногласнсот од сите земји, но се уште сме далеку од било какво решение, коешто би ни дало за право да се радуваме дека врз основа на мерит критериуми, на заслуги, ќе напредуваме“, вели Трошановски.

Европратениците во средата изгласаа отворање за измени на Договорот за ЕУ и го повикаа Европскиот Совет што поскоро да ги презентира измените на земјите-членки. Се очекува шпанското европретседателство да ги внесе предлог-измените на дневниот ред на Европскиот Совет веќе во декември.

Лука Андреев