Американскиот претседател Џо Бајден го предупреди Иран да „бидe внимателен“ и му порача на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху дека САД испраќаат воена помош во борбата на Израел против Хамас.

Обраќајќи им се на група лидери на еврејската заедница во САД, Бајден за првпат го поврза распоредувањето на американската флота во источниот Медитеран во близина на Израел со стравувањата дека Иран може да се обиде да се меша.

„Ја преместивме американската носачка флота во источниот Медитеран и испраќаме повеќе борбени авиони во таа област и јасно им порачуваме на Иранците: Бидете внимателни“, рекол американскиот претседател.

Бајден на средбата со групата лидери на еврејската заедница во САД, како што јави Франс прес, рекол и дека бара од Израел да го почитува законот за војна во одговорот на нападот на Хамас.

„Едно нешто што му кажав на израелскиот премиер е дека е многу важно Израел, со сиот гнев и фрустрација, да дејствува согласно законите на војната“, рекол Бајден.

Прикажи повеќе