Бурни реакции дома и во регионот предизвика неодамнешната изјава на српскиот министер за одбрана Милош Вучевиќ. Тој воедно е и наследник на Александар Вучиќ на претседателската позиција во владејачката Српска напредна странка. Вучевиќ кажа дека Македонија и Црна Гора ѝ згрешиле на Србија со тоа што го признале Косово како независна држава, бидејќи со тоа се мешаат во внатрешните работи на Србија. Според него, ваквиот потег „ќе им се одбие од глава на Скопје и Подгорица, исто како и во Украина“. Тој додаде дека постои меѓународна поддршка за планот за „Голема Албанија“, а да бил на местото на Македонија и Црна Гора не би спиел мирно и покрај членството во НАТО.

Од Министерството за надворешни работи во Скопје ги отфрлија, како што велат, мешањето и несоодветните забелешки од функционери од соседството и побараа појаснување за изјавата. Потоа, Вучевиќ се дообјасни. На твитер напиша дека „и покрај сите злонамерни медиумски пишувања, Србија им останува доверлив партнер на сите соседи“. Сепак, тој додаде дека не е за пофалба непочитувањето на територијалниот интегритет на Србија, а она што го кажувал биле факти.

Расправата на социјалните мрежи се одвиваше додека на иста маса во Атина седеа премиерот Димитар Ковачевски и српскиот претседател Александар Вучиќ. Прозбореле и за овие случувања.

„Ме увери дека како претставник на српската држава, тој ги смета македонскиот народ и македонската држава за исклучително пријателски и дека доколку некој македонски граѓанин е навреден од било која порака од српската држава, тој лично ќе се извини“, изјавил Ковачевски.

Вучиќ се извини, но не пропушти да ја спомене и посетата на косовскиот премиер во Тетово, а откри и детали како реагирал Ковачевски за потегот на Албин Курти.

„Би сакал само да ги замолам нашите официјални лица, дури и кога немаат намера, да бидат повнимателни и од нив да не излезе ништо што би можело некои да го искористат и да нè претстават нас исти како Курти. Долго разговарав со господинот Ковачевски и му кажав дека ако било кој во Северна Македонија се чувствува навреден, нема проблем, јас се извинувам, зашто Македонците се наши браќа. Но, тој навистина остро зборуваше против Курти пред сите и многумина беа изненадени“, изјавил Вучиќ.

За изјавата на српскиот министер за одбрана реагираше и албанскиот премиер Еди Рама. Според него, заканите против стабилноста и интегритетот на Македонија и Црна Гора се многу опасни и неприфатливи и не треба да се заборави дека Албанија, Македонија и Црна Гора се дел од НАТО, целосно посветени на безбедноста и територијалниот интегритет на едни со други.

Лука Андреев