Агенцијата „Фич“ го намали кредитниот рејтинг на Соединетите држави, наведувајќи ги како причина повеќе фактори меѓу кои и фискалното влошување во последните три години и континуираното влошување на критериумите за управување во последните две децении, објавено е на интернет страната на Агенцијата.

Рејтингот на САД е намален од највисокото ниво со ознака ААА за еден степен, на ниво АА+, но новата, понеповолна оценка на кредитниот рејтинг и натаму е во границите на инвестициската оценка.

Одлуката го одразува трендот на зголемена политичка поларизација и политички несогласувања околу трошоците и даноците во Вашингтон, кои сите заедно би можеле да ги чинат американските даночни обврзници, а понискиот кредитен рејтинг може да ги зголеми трошоците за задолжување на американската влада во иднина, пишува АП.

Официјални лица на администрацијата на Бајден силно ја критикуваа проценката на агенцијата за кредитен рејтинг Фич, а секретарот за финансии Џенет Јелен рече дека оценката е „произволна и заснована на застарени податоци“.

Таа тврди дека американската економија брзо закрепнала од рецесијата предизвикана од пандемијата на корона вирусот и дека економијата пораснала со солидни 2,4 отсто годишна стапка во кварталот април-јуни.

Ова е само втор пат во историјата на САД да се намали кредитниот рејтинг, откако во 2011 година агенцијата Стандард и Пурс на САД им го одзеде највисокиот рејтинг ААА по долга борба за лимитот за задолжување на американската влада.

Во тоа време, владиното сметководство во својот извештај за 2012 година процени дека буџетскиот дефицит во 2011 година ги зголемил, меѓу другото, трошоците за задолжување за 1,3 милијарди долари само во таа година.