Амбасадорката Дир: Ѝ благодариме на Северна Македонија за приклучувањето во Меѓународната коалиција на земји за враќање на украинските деца

Украинската амбасадорка Лариса Дир денеска на социјалните мрежи изрази благодарност до Република Северна Македонија за приклучувањето во Меѓународната коалиција на земји за враќање на украинските деца кои беа депортирани и насилно раселени во Русија, од привремено окупираните територии на Украина.

„Ѝ благодариме на Северна Македонија за приклучувањето во Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца кои беа депортирани и насилно раселени во државата агресор рф. Целта останува иста – безбедно да се вратат во Украина украинските деца киднапирани од рф“, напиша Дир на фејсбук-профилот на амбасадата на Украина во Скопје.

Меѓународната коалиција на земји за враќање на украинските деца во декември минатата година во Кијив го одржа својот прв состанок на кој учествуваа претставници од Северна Македонија, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала и заменик народниот правобранител, Јован Андоновски, објави ЦивилМедиа.

Г. Т.