Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по средбата на процесот Брдо-Бриони во Скопје, зборуваше и за следната средба меѓу Приштина и Белград во Брисел. Рече дека очекува да биде тешка, бидејќи според него, ниту една од средбите со Приштина не била лесна. Но, српскиот претседател нагласи дека Белград секогаш ќе се труди проблемите да ги решава преку дијалог. Што се однесува до интеграцијата на регионот во ЕУ, Вучиќ информираше дека од Скопје била пренесена пораката за проширување на унијата до 2030 година. Но, тој не криеше да каже дека само станува збор за нечии убави желби кои тој не сака да ги расипе. Во меѓувреме, претседателката на Косово, Вјоса е Османи, соопшти дека на денешната средба не се зборувало за Косово. Но, таа наведе дека главниот предизвик е соочувањето со минатото, како и интеграција во ЕУ до 2030 година.

„Сите се договорија таа година да биде последна кон која целиме, па некои од нас кои сме многу понапред со реформите, имаат намера многу брзо да одат напред. Дојде време да видиме конкретни чекори и од страна на Европската Унија во однос на прашањето за членство на демократските држави од Западен Балкан бидејќи за жал како што видовме досега со процесот на визна либерализација, иако условите беа исполнети, одговорот на ЕУ дојде доцна. Билатералните прашања што ги имаме со Србија се дискутираат на други форуми, но се осврнав на некои од темите и факт е дека соочувањето со минатото останува предизвик бидејќи не може да го игнорираме минатото и само да зборуваме за процесот на европска интеграција“, рече Османи.

„Немаше големи дебати и кавги бидејќи ние и Приштина ги оставивме нашите проблеми за четврток во Брисел. Денеска повеќе се зборуваше за односите на самиот регион на Западен Балкан кон ЕУ, отколку за било што друго. Не очекуваме ништо од средбата во Брисел, но ќе се обидеме да ги решиме проблемите со дијалог. Ова не е дека разговараме со Албин Курти, затоа што разговараме со претставниците на Брисел кои знаете, што и да кажат секогаш на овој или оној начин ќе ја поддржуваат независноста на Косово. Некои имаат повеќе ентузијазам, некои помалку. Како и да е денеска имаше многу фер и конструктивна дискусија“, изјави Вучиќ.