Германскиот тим Алба Берлин, официјално објави дека нивен нов играч е поранешниот плејмејкер на Чикаго Булс, Мет Томас, кој доаѓа од редовите на Панатинаикос.

29-годишниот aмериканец крајот на минатата сезона го доигра во грчкиот гигант и настапи на десет натпревари, на кои просечно бележеше 8,1 поени по натпревар.

„Навистина сум среќен што сум дел од семејството на Алба. Ова за мене е голем предизвик и се надевам дека ќе се прикажам во одлично светло. Чув само убави работи за клубот од Берлин, кој има високи стандарди и секогаш работи со максимална професионалност. Едвај чекам да заиграм во новата средина“, изјави aмериканецот.

Мет Томас има солидно портфолио од НБА лигата. Во најсилното кошаркарско друштво одигра вкупно 126 натпревари, а во минатото беше дел од Чикаго Булс, Јута Џез и Торонто Репторс. Во Европа настапуваше уште за екипите на Обраидоро и Валенсија. Алба Берлин за него ќе биде четврт клуб на „стариот континент“ и се очекува да биде големо засилување за германскиот евролигаш.

Прикажи повеќе