Данскиот напаѓач Расмус Хојлунд по секоја цена сака да оди во Манчестер јунајтед и веќе сѐ договори со „црвените ѓаволи“, за петгодишен договор на „Олд Трафорд“, но трансферот сѐ уште е далеку од реализација зашто „ѓаволите“ и Аталанта се далеку од договор за висината на истиот.
Според последните информации од Италија, во Бергамо се свесни дека тешко да го задржат Хојлунд и дека првично бараните 80 до 90 милиони евра нема шанса да ги добијат од Јунајтед, кој на Аталанта ѝ порачал дека само за разумна цена може да дојдат до договор.
И во ситуација кога Хојлунд притиска за трансфер, од Аталанта веќе испратиле писмо на „Олд Трафорд“ во кое посочуваат дека сакаат да се забрза работата за да може и бергамашите да го искористат преодниот рок за да најдат замена.
Од Англија веќе доаѓаат најави дека Јунајтед ќе ја испрати понудата од 70 милиони евра плус пет милиони во бонуси за да го добијат Данецот. Во најдобра ситуација можно е овој трансфер да се реализира до крајот на неделава.