Бугарскиот претседател Румен Радев го предупреди премиерот Кирил Петков да се придржува до Декларацијата со условите на Софија, во дијалогот со Скопје. Тој уште еднаш го повтори ставот: отворените политички прашања да се решат пред давањето согласност за почеток на преговори со Унијата.
„Бугарската позиција во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија се базира на јасно определени принципи и резултати, а не на однадвор поставени рокови. Секоја отстапка на Владата од бугарскиот национален интерес ќе предизвика уште една политичка криза“, изјави Румен Радев- претседател на Бугарија (буг, 00,49…)
Темата за македонските евроинтеграции веќе се заканува и на опстојувањето на Владата на Петков, особено по обвинувањата на коалициските партнери, дека премиерот е подготвен да даде зелено светло за преговорите за Македонија до јуни, без да ги почитува бугарските услови. Обвинувањата од партнерите продолжија и денеска и покрај тоа што Петков кажа дека евентуалното решение ќе мора да биде потврдено во Собранието.
“Гледам дека нашата министерка за надворешни работи е како изолирана и дека премиерот презема засилени дејствија по неговата посета на Скопје. Не би кажала дека овие дејствија се усогласени со нашиот министер“, изјави Ива Митева – партија „Има таков народ“
„Ниту во Владата, ниту во Народното Собрание, ќе дозволиме компромис со националниот интерес на Бугарија по прашањето за присоединувањето во Европската унија. Имаме преседан кога четирите партии во Владата имаме различно мислење, но тоа не треба да ве вознемирува“, изјави Корнелија Нинова – претседател на БСП
Премиерот Димитар Ковачевски, на Делфи економскиот форум, изрази надеж дека сепак решение ќе има и преговорите ќе започнат за време на француското евро-претседателство, истакнувајќи дека има начин како Софија да биде сигурна за запазување на правата на Бугарите во земјава.
„Ако се потсетиме на последната прес конференција на претседателката на Европската комисија, во Софија, преговарачката рамка и процедурите и регулативите во ЕУ се целосно насочени за заштита и унапредување на сите граѓани во европските држави“, изјави Димитар Ковачевски – претседател на Владата
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повторно рече дека неговата партија нема да поддржи решение што ќе е во спротивност со усвоената Резолуција во Собранието.
„Ако мислат дека оваа Влада предводена од Османи и Ковачевски тоа што ќе го потпише е завршена работа, не е. Но и од оние информации што ги имам знам дека голем дел од земјите членки на ЕУ се противат билатералните договори бидат дел од преговарачката рамка“, изјави Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ
Сепак и Мицкоски изрази оптимизам дека е можно одблокирање на процесот во јуни, ако Брисел навистина сака Македонија да ги започне преговорите. /Алсат.мк
Лука Андреев