Илјадници верници ја извршија бајрамската молитва на „Плоштадот Скендербег“, во Тирана.

Advertisements

Поглаварот на Муслиманската заедница на Албанија, Бујар Спахиу, на сите албански муслимански верници им ги пренесе честитките за Рамазан Бајрам. Тој во својот поздравен говор потсети и на 100-годишнината од формирањето на Муслиманската заедница на Албанија. Неговата порака се фокусираше и на спречување на иселувањето на младите.

„Сестри и браќа, грижете се нашата нација да расте преку доблест! Секој од нас има должност да придонесе за запирање на иселување на нацијата. Од ден на ден се намалуваме. Ние, кои порано бевме еден од најмладите народи во Европа, старееме со брзо темпо. Зошто да го избереме полесниот излез, да ја напуштиме државата, наместо да останеме овде и да ја зајакнуваме нашата нација. Овде да раѓаме деца, да ги воспитуваме овде кај нас како доблесни граѓани, наместо да ги праќаме низ светот како граѓани од втор ред. Семејството е суштината на секое општество. Да го зајакнеме бидејќи имаме голема традиција“, рече Спахиу.

Празникот Бајрам се славеше и во Косово.

Главниот муфтија на Косово, Наим Трнава, по главната церемонија рече дека е обврска да се заштити и издигне земјата како што заслужува. Тој нагласи дека земјата е слободна и независна, но останува обврска да се гради, каде децата можат безбедно да растат и да добијат квалитетно образование, земја која обезбедува работа и егзистенција.

„Некогаш како идеја и проект ја имавме слободата на државата, а сега благодарение на вековната жртва на народот сега ја имаме нашата држава како реалност, но како граѓани на оваа држава имаме обврска да направиме најдобро за нашата земја, да ја направиме прифатлива за живеење за сите категории на општеството. Напуштањето на државата не е вистинското решение, особено од нашите млади и експерти. Животот на овој свет не е само материјалната страна како главна цел и мисија“, рече Трнава.

Бајрамската молитва се одржа и во светото место Мека.

Аднан Ќаили