Лили Еберт, преживеана од Холокаустот, денес е популарна на Тик Ток. Нејзиниот профил го следат 1,7 милиони корисници, а видеата на кои речиси стогодишната жена зборува за тоа како преживеала четири месеци во Аушвиц имаат милиони допаѓања.
Нејзиниот 18-годишен правнук Дов Форман ѝ помага околу објавите. Сè започнало 2020 година, за време на карантините.
-Ѝ кажав на мојата прабаба дека други стануваат хит на интернет поради танцувањето, на пример, па зошто ние да не можеме со споделувањето на овие навистина важни пораки, рече Форман, цитиран од Си-би-ес.
Лили вели дека би сакала светот да ја знае нејзината приказна.
-Не бев сигурна дали ќе преживеам. Чудо е што сум овде, но си ветив себеси дека колку и да живеам и што и да правам, ќе ја раскажам мојата приказна, вели таа.
Лили и Форман, исто така, ја напишаа книгата „Lily’s Promise: How I Survived Aushwitz and Found Strength for Life“, со предговор на принцот Чарлс, пренесува „Индекс“.
Еберт имала 20 години кога ја одвеле во Аушвиц. Била ослободена од американските трупи во 1945 година. Потоа минала една година во Швајцарија, па во 1946 се преселила во Израел. Во 1967, таа емигрирала во Обединетото Кралство со нејзиниот сопруг Самуел, каде што ги раскажувала ужасите на Холокаустот. Денес живее во северен Лондон, мајка е на три деца, баба на 10 внуци, а има и дури 35 правнуци.