Во 2020 години само 63 отсто од децата во Македонија примиле прва доза од вакцината МРП и 68,5 отсто ја примиле втората доза.
МРП вакцината е вакцина против морбили, рубела и паротитис. Првата доза главно се прима на возраст од 9 до 15 месеци, додека втората се прима од 15 месеци до 6 години, со растојание помеѓу двете дози од најмалку четири недели. По примени две дози, ефикасноста за стекнување на имунитет е 97 отсто против морбили, 88 отсто против паротит и најмалку 97 отсто против рубела.
Министерството за здравство и здравствените установи кои спроведуваат вакцинација, во напорите за засилување на вакцинацијата успеаjа да го зголемат опфатот во 2021 година, така што за прва доза МРП вакцина тој изнесува 70,4 отсто, а за втората доза 80,4 отсто. Но, сепак овој опфат е далеку од потребниот процент од 95 отсто вакцинирани лица за постигнување на колективен имунитет и заштита во заедницата, кажа денеска министерот за здравство Беким Сали на прес-конференција што се организира, како што рече, во пресрет на Европската недела за имунизација, која традиционално се одбележува последната недела од април, а воедно и да го означат почетокот на заедничка кампања со УНИЦЕФ за потенцирање на важноста на редовната имунизација, како најдобра превентивна мерка за заштита од заболувањата.
За разлика од 2020 година кога во неколку општини се евидентира опфат под 50 отсто, во 2021 година опфат под 50 отсто се бележи само во Куманово. Воедно, за разлика од 2020 година кога висок опфат се регистрира само во Берово и Пехчево (100 отсто), во 2021 година висок опфат со прва доза МРП, освен во Пехчево (100 отсто) се бележи и во Прилеп 98 отсто, Кочани 95,5, како и во други градови. Инаку, МРП вакцината бележи најнизок опфат, во споредба со сите останати вакцини, така што посебен фокус ставаме на оваа вакцина и заштитата од овие заболувања (мали сипаници, рубеола и заушки), рече Сали.
Појасни дека нивна тенденција е да го постигнат препорачаниот опфат од 95 проценти и во соработка со ДСЗИ и здравствените домови почнуваат со активности за засилена теренска работа за повикување на пропуштените деца за вакцинација.
Со кампањата е предвидено и испраќање унифицирана СМС порака на родителите кои ја пропуштиле вакцинацијата на нивните деца, како и засилување на регионалната мрежа на координатори од центрите за имунизација за зајакнување на теренските активности и активно следење и детектирање на пропуштените деца и нивно навремено вакцинирање. Министерството за здравство во континуитет обезбедува вакцини од светски реномирани производители, додаде Сали.
Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани рече дека само во последните 60 секунди, редовните вакцини за деца спасиле пет животи, а тоа значи дека уште пет деца во светот се заштитени од смртоносни болести, можат да растат среќни и да водат здрав живот.
Повеќе од два века, вакцините безбедно штитат од болести како детска парализа, мали и големи сипаници, помагајќи им на децата да растат здрави и среќни. Тие спасуваат повеќе од пет животи секоја минута – спречувајќи до три милиони смртни случаи годишно, дури и пред доаѓањето на КОВИД-19. Оваа земја има традиционално високи стапки на имунизација кај децата; сепак, низ годините колебливоста и „инфодемијата“ што таа ја поттикнува се покажаа како клучни двигатели за недоволно голем вакцинален опфат. Иако најновите стапки, од 2021 година, ветуваат подобрувања во споредба со 2020 година, ова не е доволно добро, потенцира Ди Џовани.
Според неа, најалармантен е националниот опфат со вакцината против мали сипаници, рубеола и заразни заушки (МРП1) за деца на возраст од 12 месеци, што изнесува 70,4 отсто на национално ниво и втората доза на МРП вакцината, наменета за деца на возраст од 6 години, која е 80,4 отсто на национално ниво.
Овие стапки, нагласи таа, се значително пониски од опфатот во 2018 година (МРП1 – 74,8 отсто и МРП2 – 93,8 отсто) кога земјата се соочи со епидемија на мали сипаници, која предизвика четири смртни случаи на деца на возраст од 5,5 до 13 месеци, сите невакцинирани со МРП вакцината.
– Ниските стапки на рутинска имунизација предизвикуваат загриженост дека појавата на епидемија на морбили е можна и не смееме да чекаме да се случи за да реагираме. Малите сипаници се едно од најзаразните респираторни заболувања кое може да доведе до тешки, понекогаш и трајни компликации од типот на пневмонија, оток на мозокот, хоспитализација и смрт. Малите сипаници се толку заразни што се проценува дека ќе се заразат 9 од 10 блиски контакти на заразено лице кое не е имуно. Особено се опасни за деца под пет години, рече Ди Џовани.
Во пресрет на Европската и Светска недела на имунизација, истакна таа, Министерството за здравство и УНИЦЕФ, започнуваат кампања за дополнително да ја нагласиме безбедноста и ефикасноста на редовните вакцини за деца, како и да ги потсетиме сите за сериозноста на болестите од кои штитат овие вакцини.
Апелираме до родителите и негувателите да им ја обезбедат на нивните деца заштитата што ним им ја обезбедиле нивните родителите во минатото. Во 21-от век не смееме свесно да ги загрозуваме животите на децата и да ги изложуваме на ризик од болести што може да се спречат со вакцини и кои се докажани како безбедни и високоефикасни. Не го одложувајте вакцинирањето на вашите деца. Со секое одложување, ги изложувате на ризик и вашето и другите деца, рече Ди Џовани.
Стручното техничко лице на СЗО за имунизација, Горан Кочински рече дека и покрај тоа што борбата против пандемијата на КОВИД-19 сè уште не е завршена, важно е да се потсетат дека какво било нарушување на имунизацијата, макар и за краток период, носи моментален ризик по заедницата и особено по децата од болести што може да се спречат со вакцини. Кога ќе се пропуштат рутински вакцинации, посочи, расте ризикот од епидемии.
Ако рутинската имунизација биде занемарена поради КОВИД-19, последиците ќе се случуваат долго време откако ќе заврши пандемијата. Многу е постигнато досега, а освен тоа и напредокот во контролирањето на многу болести е забрзан изминативе неколку децении, но сепак 2022 година е еден вид раскрсница која носи со себе голем број предизвици. Благодарение на години и години напорна работа во насока на тоа секој да биде заштитен преку вакцинација, сè поблиску сме до елиминирање разни болести како на пример малите сипаници, но за да се заштити овој напредок, мора да се одржува висок опфат на рутинска вакцинација. Во периодот кој претстои СЗО ќе продолжи да ги поддржува напорите на владите за зајакнување на програмите за имунизација, рече Кочински.
Потенцира дека Европската недела на имунизација се одбележува во периодот од 24 до 30 април и целта е да се зголеми опфатот со вакцинација преку подигнување на свесноста за важноста на имунизацијата кај родителите, здравствените работници, креаторите на политики/факторите кои одлучуваат и медиумите.
Апелираме до сите луѓе да се осигураат дека и тие и нивните деца ги имаат примено сите пропишани вакцини според Календарот за имунизација. Вакцините обезбедуваат можност и надеж дека сите ние ќе уживаме во поздрав и исполнет живот, а тоа е нешто за што сите треба да се бориме, додаде Кочински.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.