Европските парламентарни избори во јуни 2024 година би можеле да бидат исто судбоносни како и претседателската трка во САД, предупреди високиот претставник на Европската Унија за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел.
Тој за „Гардијан“ изјави дека верува оти стравот на гласачите од непознатото може да ги наведе да ги поддржат десничарските популистички партии.
– Се плашам од страв, се плашам дека Европејците ќе гласаат врз основа на страв. Научно е докажано дека стравот од непознатото и неизвесноста создава хормон кој бара сигурен одговор. Тоа е факт, рече Борел.
– Партиите кои можат да играат на стравот кај луѓето и да даваат лоши одговори на добри прашања, можат да ја привлечат поддршката на европското население, рече Борел.
Шефот на европската дипломатија вели дека прифаќа дека постојат и реални и согледани причини за загриженост, но ги повика гласачите да ги поддржат политичките сили кои можат да дадат јасна анализа на ситуацијата.
– Ако не можеме да го направиме тоа, мислам дека европските избори ќе бидат исто толку опасни како и оние во САД, рече Борел.
Тој потенцираше дека Европа сè уште нуди атрактивен модел за луѓето од целиот свет.
Борел се осврна и на моменталната состојба на проектот на ЕУ на крајот на годината помеѓу две војни, едната во Украина, а другата во Појасот Газа.
Говорејќи на самитот организиран од магазинот Le Grand Continent, тој рече дека двата конфликти ја загрозуваат иднината на Унијата, а во случајот со Украина, тој стравува од пораз доколку не дојде до брза промена на курсот, пренесе МИА.
Борел рече дека не гледа знаци дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да запре, па дури и да се задоволи со договор што ќе и овозможи на Москва да го задржи источниот дел на Украина.
За ситуацијата во Газа, тој рече дека Хамас не е само воена сила, туку идеја и како таква може да се победи само со подобри идеи, а не само со бомби.