Силно невреме ја зафати Словенија, каде што е прогласен црвен аларм во североисточниот, северозападниот и централниот дел на земјата. Многу патишта низ словенечката држава се поплавени и затворени поради дожд и одрони. Во некои општини, од жителите е побарано да се евакуираат на безбедни места или да останат дома.
Словенечката агенција за животна средина објави црвен аларм кој денеска важи до полноќ поради дождот кој се очекува да предизвика дополнителни поплави. Во некои области веќе е прогласена вонредна состојба. Во меѓувреме, командантот на цивилната одбрана на Словенија, Среќко Шестан, рече дека полицијата пријавила неколку загинати, но се уште нема конкретни информации за околностите. Според податоците на словенечката управа за заштита и спасување, во последните 12 часа се регистрирани над 1.000 несреќи, а на помош пристигнале пожарникари од 168 противпожарни служби.
Во меѓувреме и Италија се очекува да биде зафатена од лошо време викендов, додека Цивилната одбрана на оваа земја објави портокалова тревога за неколку региони.. Силен ветер кој може да прерасне во циклон и град се очекува да зафати 12 региони во Италија. Во Милано, општината нареди да се затворат парковите и зелените површини, а побарано е и затворање на некои пазари. Во Венеција лошото време се очекува да донесе поплави и пороен дожд. Пред само неколку дена северот на Италија беше зафатен од многубројни врнежи од дожд кои беа придружени со силен ветер и град. Како последица на лошото време, причинета е штета од десетици милиони евра, а загинаа 5 лица.