Повеќе од 1 000 луѓе починале од треската денга во најлошата епидемија досега во Бангладеш, покажуваат официјалните бројки. Зголемените температури поради климатската криза доведоа до интензивно ширење на болеста и првпат се пријавени повеќе случаи надвор од густо населените урбани центри.
Од јануари 1 017 луѓе починале од болеста што ја пренесуваат комарците, вклучително и повеќе од 100 деца, а бројот на заразени се искачи на повеќе од 208 000, според податоците објавени во понеделникот од Генералниот директорат за здравствени услуги на Бангладеш, пишува Си-ен-ен.
Болниците се соочија со недостиг на кревети и персонал
Денга е ендемична во јужноазиската земја, при што инфекциите обично го достигнуваат врвот за време на сезоната на монсуните меѓу јули и септември, но оваа година порастот на случаите започна многу порано, кон крајот на април.
Продолжената сезона на монсуните, која донесе повисоки температури во комбинација со неправилни и обилни врнежи, создаде идеални услови за репродукција на комарецот аедес, кој ја пренесува болеста денга, посочуваат научниците. Приливот на пациенти го оптоварува здравствениот систем во земјата, а болниците се соочија со недостиг од кревети и персонал за да се грижат за нив.
Бројот на починати во епидемијата е речиси четири пати поголем од минатата година кога починаа 281 лице. Само во септември имало повеќе од 79 600 пријавени случаи и 396 смртни случаи. Исто така, постои зголемена загриженост за ширењето на епидемијата во постудените месеци. Минатата година, бројот на случаи на денга го достигна врвот само во октомври, а повеќето смртни случаи се случија во ноември.
Слична на грипот, но се пренесува со каснување од комарец
Инфекцијата со вирусот на денга предизвикува симптоми слични на грип, вклучувајќи силни главоболки, болки во мускулите и зглобовите, треска, а во некои случаи и внатрешно крвавење и смрт. Се пренесува на луѓето со каснување од заразен комарец аедес, а специфичен третман за оваа болест не постои.
Денга е ендемична во повеќе од 100 земји и заразува од 100 до 400 милиони луѓе секоја година, според Светската здравствена организација (СЗО).
Во минатото, епидемиите беа претежно ограничени на густо населените урбани центри како главниот град Дака – дом на повеќе од 20 милиони луѓе – но оваа година инфекциите брзо се проширија низ целата земја, вклучително и руралните области.